05/10/2022
ТЕГОБНОСТ
ЕРНЕСТО ЕРЕДЕРО ДЕЛ КАМПО
Прв пат на македонски јазик - Ернесто Ередеро дел Кампо
„...И ова лето, едноставно, онака како што големите работи се случуваат едноставно, со тетратка и молив, почна мое- то дружење со Ернесто, онаков каков што вистински е. Се дружевме во Малага, мојот втор дом, во барови, паркови, на плажа... Ми се стегаше душата, ми се разлеваа мислите, просолзував, напати се насмевнував, многупати со денови мислев еден збор... и еве сме - Ернесто и јас, тука пред вас. Долго мислев за насловот, почнав со Замор, па Страдање, одлетав кон Чемер, Јад, Скрб, за на крај да се одлучам за ТЕГОБНОСТ, иако во овие четириесет и две песни може да се најде сè од наведеното.“
Ова е негова прва објавена книга, иако целиот живот пишува поезија и објавува во реномирани списанија. Вели дека има одживеано три животи, така што, кога би бил мачка, би му останале уште шест, што на негова возраст и не е така лошо. За да се претстави себеси, користи една од речениците со кои Бертран Расел ја започнува својата автобиографија: „три страсти, едноставни, но зачудувачки јаки, владеат со мојот живот - копнежот по љубовта, потрагата по сознанието и сомилоста за човековото страдање“.